Локалитетот Цареви Кули се наоѓа на доминантен врв на јужната страна на градот, на зарамнето плато на врвот од ридот (кај месното население овој рид е познат како Цареви Кули, но во постарата терминологија може да се сретне и како Маркови Кули). Ридот се издига, околу 150-тина метри над градот, а од двете страни (западната и источната) е окружен со доловите на поројните рекички Св. Илија и Коритниче.

carevi-kuli-1Ваквата положба на ридот не останала незабележана уште во најраните периоди на праисторијата кога за прв пат е организиран животот на Цареви Кули. Со археолошките истражувања се констатираа остатоци од повеќеслојна праисториска населба на југоисточната падина од времето на раниот енеолит,  крајот на доцната и за време на средната бронзена епоха. Исто така, остатоци од енеолитска населба беа констатирани и на северозападното плато. Цареви Кули, повторно ќе се користат во V и IV век пр.н.е, кога на врвот на ридот, расположени централно на платото, во карпата се длабат пет јами со големи димензии кои дадоа огромно количество на движен археолошки материјал од кој најзастапени се фрагментираните керамички садови, а во помала мера накит, оружје, монети и предмети употребувани во секојдневието. Најверојатно се работи за култни јами во кои населението од тогашниот град во подножјето на Цареви Кули ги одлагале предметите по обавените ритуали. За името на градот од тоа време сеуште постои жива академска дискусија, но сепак најприфатлива ни е теоријата дека се работи за антички Астраион. За време на македонско-хеленистичкиот период (III-II век пр.н.е), платото продолжува да се употребува за одредени активности на тогашниот град во подножјето. Од тој период, спорадично се среќаваа наоди насекаде низ тврдината, како и на југоисточната падина и северозападното плато. Од овој период беа истражиени и поголем број на гробови на некрополата во секторот „Јужен рид”. И покрај неколкуте осамени наоди од I век пр. н.е. и I век засега не е јасна улогата на Цареви Кули во тоа време. Некои наоди недвосмислено укажаа на одредена активност и во текот на II-III век кои засега не се доволно јасни. Ископувањата во секторот „Јужен рид” како и ископувањата на платото на Цареви Кули покажаа дека во втората половина на III, а посебно во IV век, Цареви Кули биле населувани со постојана или времена посада и дека постоела фортификација на ридот. Интересен е податокот дека во доцноантичкиот/рановизантиски слој беа пронајдени и повеќе наоди кои укажуваат на присуство на Готска популација во текот на IV и V век. Со досегашните истражувачки активности и првичните анализи на недвижниот и движниот материјал, се покажа дека на локалитетот Цареви Кули не се констатирани наоди од VII, VIII и IX век. Повеќе податоци имаме од крајот на X и почетокот на XI век за време на Самоиловите војни.  Кон крајот на XI и почетокот на XII век, за време на царевите од династијата на Комнините, значајно се интензивира животот на Цареви Кули, Тогаш се појавуваат првите контури на средновековната тврдина чии осттоци стојат и денес. Тврдината одиграла важна улога во историјата на овој дел на Македонија, а во неа имале свои седишта гарнизоните на Добромир Хрс, Стрез, протосеватот Хреља, итн.  Важна улога тврдината одиграла и во српско-византиските судири кон крајот на XIII и поч. на XIV век, кога тврдината Цареви Кули, заедно со тврдините во Просек и Мелник, ја чинела одбраната на комуникациите кон Солун и Серес во Византија. Подоцна влегува во состав на Душановата Србија, а потоа едно време со неа ќе владеат браќата Деановиќи. За време на Османлискиот период нејзината одбранбена улога полека стагнира затоа што таа се наоѓала длабоку во Царството, надвор од војните случувања, за да на крајот биде целосно напуштена по што почнала да се руши. Одредено присуство се забележува и во текот на наредните векови, а посебно е изразено во текот Втората светска војна кога на врвот на платото долж ободот на ридот се прекопани повеќе ровови. За време на меѓувоениот период и непосредно по Втората светска војна месното население од Струмица се собирало на Цареви Кули за време на Тримерските празници. До првите археолошки кампањи 2004 и 2005 год. Цареви Кули беа запуштени и препуштени на забот на времето. Со археолошките истражувања и конзерваторските зафати Цареви Кули се на пат повторно да станат еден од неодменливите културно-историски пунктови на Струмица и Р.Македонија.