Untitled

Струмичанецот Александар Дончев, синоќа во галеријата на НУ „Завод и Музеј“ во Струмица, постави уште една изложба на свои фотографии, овој пат збогатена со книга насловена „Монос“, со фотографии направени на Света Гора и на морето околу, во периодот од ноември 2010 до септември 2016 година.

Директорката на „Завод и Музеј“, Василка Георгиева, отворајќи ја изложбата вели дека преку оваа книга со фотографии, Александар Дончев е раскажувач на приказната за патувањето до полуостровот Атос, во која не вовлекува нас, набљудувачите и небаре самите стануваме искушеници и се обидуваме да се откинеме од светот што ни е познат, каде припаѓаме, и не‘ втурнува во свет каде се‘ е поништено и неважно, освен силата на верата и љубовта во Бога.

Авторот на книгата и изложбата Александар, вели за Света Гора дека е свет во свет, паралелен универзум кој е многу близу до нас, но за жал не знаеме речиси ништо. Таа е своевиден феномен, парадокс и според светската логика по која ние сите живееме, тоа место не би требало воопшто да постои, но тоа е таму и свети од памтивек… Од 1200 години била трезор на културното и духовното наследство и светилник во темнината низ вековите.

Книгата „Монос“ е составена од 4 поглавја, Брод, Манастир, Скит и Пештера. Содржи вкупно 78 црно бели фотографии, сите поврзани во една сторија. Еден цел филм испечатен на книга.