Поволната географска местоположба, специфичните и благопријатни климатски услови, како и мошне важните геостратешки особености на Струмица и Струмичко придонеле овој крај од Македонија да биде населуван уште од најраните периоди на човековата цивилизација. Тоа подразбира дека во еден исклучително долг временски интервал на овие простори, во континуитет низ сите историски епохи, се создавал и се одвивал мошне богат, впечатлив и интезивен живот, исполнет со развојни културно – историски, творечки, религиозни и традиционални пројави и процеси. Околу раните периоди од културно – историскиот развој на Струмица во научните средини сè уште се водат интензивни и плодни расправи коишто се поврзани со почетоците, идентификацијата и со местоположбата на градот во антиката и во ранохристијанскиот период. Расположливите историски извори како и најновите археолошки истражувања засега не им дозволуваат на истражувачите попрецизно да се искажат по однос на погоре наведените прашања и проблеми поврзани со најраниот период од културно – историскиот развој на градот и на регионот пошироко. Според историските извори, регионот на Струмица и Струмичко но и пошироко од неговото опкружување бил населен со пајонските племиња Добери, Астраи и Иори коишто како центри ги имале градовите именувани според нив како Добер, Астраион и Иорон. Античкото и ранохристијанското минато на Струмица традиционално се поврзува со градовите Астраион, Добер и Тивериопол. Околу местоположбата на Астраион и Добер, но и околу прашањето кој од овие два града во континуитет треба да се идентификува со средновековна Струмица во научните кругови се развиени опсежни расправи од коишто произлегле повеќе спротиставени гледишта поткрепувани со можни аргументи. Од средината на IV век п.н.е. па наваму најпрво повремено а нешто подоцна и постојано Струмица и Струмичко биле во составот на античката Македонска држава. Општопозната е констатацијата дека поволните економски и политички услови за појавата и развојот на градовите во Македонија созреале токму кон средината на IV век п.н.е, поточно во периодот од владеењето на македонскиот крал Филип II (359 – 336). UntitledВаквите процеси и тенденции имале влијание и во струмичкиот крај. Имено, најновите археолошки истражувања спроведени на теренот на денешна Струмица непосредно упатуваат кон ваквото размислување. Тоа ќе го поткрепиме и со сознанието дека македонскиот крал Филип II подигал градови и во пограничните области на својата држава коишто му служеле како воени и културни центри. Впрочем, самиот Александар III Велики (336 – 323), Untitled1во еден говор посветен на неговиот татко истакнал дека Филип II ги научил Македонците да живеат во градови и да се служат со вистински закони и обичаи итн. Мошне е интересно да се спомене дека по однос на прашањето за настанувањето на градот Струмица и за неговото име постои сочувана легенда според која тој бил изграден од римскиот император Тибериј и бил определен за резиденција на ќерка му Струма. Легендата натаму вели дека според името на оваа царска ќерка подоцна самиот град и реката биле наречени со називот Струмица. Во тој контекст, и познатиот турски патописец Евлија Челеби при престојот во Струмица во втората половина на XVII век, меѓу другото, запишал и едно предание за настанувањето на градот коешто го пренел во неговото познато дело “Патопис”. Според оваа предание градот и тврдината настанале уште од времето на Алаксандар Велики синот на Филип. Оснивач на градот бил извесен Ајатанаџа учител на Александар Велики. Не треба да се исклучува претпоставката дека зад името Ајатанаџа се крие ликот на Аристотел (384 – 322 п.н.е.) антички филозоф и како што е познато – учител на Александар. Во историографијата се уште не е прецизно утврдено до кога Добер и Астраион егзистирале на овие простори. Овие два града опстојувале за време на т.н. македонска провинциска ера, односно за време на римскиот период но и во периодот кога Струмичкиот крај станал составен дел од Источната Римска Империја – Византија. Досега меѓу истражувачите се има развиено мошне плодна расправа и околу прашањата кога и зошто овој македонски град бил наречен Тивериопол и до кога го носел тоа име. Треба да се нагласи дека постоењето на градот Тивериопол се потврдува и во натписот со историска содржина врежан врз мермерната надвратница од западниот фасаден влез на нартексот на Богородичниот храм во с. Вељуса.  Содржината на тој натпис, во превод од византискогрчки гласи: “† Се обнови од основи овој храм на пресветата Богородица Милостива (Елеуса) од Мануил монах и кој стана епископ на Тивериопол во годината 6588 (=1080) индикт 3”. Во науката се искристализирало гледиште според кое овој македонски град во исто време носел две имиња – едното Тивериопол кое било официјално византиско и црковно и второто – Струмица кое било народно, односно словенско. Во научните средини неспорен е фактот дека градот Струмица и неговата околина мошне рано станале препознатлив духовен и културен центар не само меѓу другите македонски области, туку и пошироко на Балканот. Во античкиот и во ранохристијанскиот период градот Струмица се позиционирал и како влијателен центар преку којшто се правеле обиди за спроведување на одредени политички, културни, идеолошки и геостратешки интереси. Ваквата позиционираност на овој македонски град била можна заради неговата поволна географска местоположба. Впрочем, овде се вкрстувале мошне важни комуникациски врски. Важноста на геостратешката поставеност на Струмица доаѓала од директната поврзаност со реките Струма, Вардар и Брегалница како и посредната врска со градот Солун којшто претставувал стратегиски, трговски, духовен, културен и уметнички центар на пошироките Балкански простори. Всушност, Струмица и Струмичката област биле детерминирани како локација за заштита на Македонија и на Солунската област. Untitled2Во тој контекст интересно е да се спомене мислењето на археологот М. Гарашанин според кого областа меѓу Брегалница и Струмица уште во античко време била крстопат на влијанијата меѓу Балканот и Средна Европа. Овој момент особено го користел Константинопол (Цариград) при обидите за спроведување на византиските идеолошки и стратегиски интереси на овие простори. Не помалку интерес на ова поле покажувал и Рим, односно западното папство чиешто влијание особено дошло до израз по 412 година со промоцијата на римскиот викаријат во Солун. Во прилог на горе споменатото мислење оди и констатацијата на истражувачите коишто сметаат дека Македонија често го менувала западниот и источниот примат, зашто нејзината древна и библиска традиција била значајна инспирација за истакнување на едното или на другото надвладејување. Интересно е тоа што христијанството мошне рано изнашло плодна почва за проникнување на тлото на Струмица и Струмичко. Се смета дека семето на Христовото учење во овој македонски крај било посеано уште во времето на апостолот Павле кон средината на I век. Сепак, по донесувањето на Миланскиот едикт од 313 година, кога била воспоставена верска слобода и плурализам во Римската Империја, христијанството почнало да освојува пошироки размери и во Струмичкиот крај. Од овој период па наваму во континуитет Струмица претставувала влијателно епископско седиште и значајно христијанско светилиште со значење не само за просторот на Македонија, туку и пошироко. За тоа ни сведочат и податоците од Житието за Петнаесетте Тивериополски (Струмички)Untitled35 свештеномаченици од коишто дознаваме  дека уште од „V век а особено во времето од владеењето на императорот Јулијан (361 – 363), Струмица и Струмичкиот крај сериозно ги загрозувале сите обиди за реставрација на паганската идеологија како во Македонија така и во Римската Империјата воопшто. Со распаѓањето и поделбата на Римската Империја (395) Македонија и Струмица во наредните векови опстојувале во рамките на Источното Римско Царство –  Византија. Во глобално зацртаните византиски интереси овие македонски краишта повторно биле дефинирани како мошне важен стратегиски пункт во спроведувањето на идеолошките и воено – политички интереси на Империјата. Во тој контекст, на Струмица и  била определена стратегиска локација за заштита на Македонија и на Солунската област.  Освен тоа, епископските центри биле мошне важна потпора при обидите за внатрешно социјално и верско консолидирање но и служеле и на самата идеја за Византија како Империја. Слична позиционираност на Струмица и  била определена и во периодите кога опстојувала во составот на Првото Бугарско царство (средината на IX и првата половина на X век), како и во перидот на Самуиловото македонско царство (втора половина на X и почетокот на XI век). За тоа ни сведочи Јован Скилица според кого византискиот император Василиј  II (976 – 1025) од почетокот на XI век постојано правел обиди по патот кој водел од Струма низ Клучката клисура за Струмичко да навлезе во внатрешноста на Самуиловото Царство итн. Општопознато е дека во VII  век веќе завршил процесот на населувањето на Словените на Балканскиот Полуостров. Тоа подразбира дека во наведениот период словенската колонизација се реализирала и во Македонија односно и во Струмичкиот крај. Од византиските хроничари дознаваме дека во овие македонски краишта се доселило словенското племе наречно Струмјани или Струмци – Стримонци. За овие мошне важни и крупни настани од културно – историскиот развој на градот Струмица и неговото пошироко опкружување остава податоци и архиепископот охридски Теофилакт во Житието за св. Петнаесет ивериополски (Струмички) маченици напишано кон крајот на XI или во почетокот на XII век. Населувањето на Словените во Македонија (којашто во овој период била под византиско управување) имплицирало коренити промени и појава на нови процеси и културни феномени. За овој период, мошне карактеристична е етничката и културната симбиоза настаната меѓу домородното население во Македонија и словенските доселени племиња. Токму тогаш се иницирале и мошне важни културно-историски феномени. Станува збор за т.н. процеси на акомодација (прилагодување) и акултурација (проникнување) коишто ја овозможиле духовната трансформација (процеси на словенизирање и на христијанизација) на меѓусебните (словено-византиски) културни и цивилизациски проникнувања. При одвивањето на овие сложени интегративни процеси своевидна улога одиграла и мошне богатата библиска и ранохристијанска традиција на македонскиот терен. Како ранохристијанско духовно и културно светилиште во овие процеси значително партиципирал и теренот на Струмица и Струмичко. Гореспоменатата етничка и културна симбиоза се одвивала постапно и траела во наредните два века, започнувајки најрано од VII и главно завршила некаде во IX век. Во овој временски интервал и во рамките на постоечкото општествено опкружување во Македонија се создала една словено – византиска и притоа христијанска цивилизација и култура. Свој придонес во овие сложени интегративни процеси дала и функционално осмислената византиска политичка доктрина којашто требала да ја обезбеди неопходната интеграција на Словените во византискиот глобален свет. Најпрво, Византија тоа го сторила преку словенското кнежество на Методиј (845 – 855) во чии рамки се претпоставува дека се одвивала и т.н. Брегалничката мисија. Во научните средини постоеја извесни колебања по однос на прашањето за местоположбата на словенското кнежество со коешто управувал Методиј, постариот син на солунскиот друнгариј Лав. Но, и покрај тоа расположливите изворни податоци претставувале значајна основа за поголемиот дел од истражувачите да се изјаснат дека “..Методиевото словенско кнежество се наоѓало северно од Солун, на територијата меѓу Вардар и Струма, т.е. ја опфаќала ‘склавинијата’ која од 40 – те години на IX век станала погранична со проширената бугарска држава.”  Во средиштето на ова “Склавинија”, односно кнежество се наоѓала Струмичката област но и Брегалничките краишта коишто биле од големо воено – стратегиско значење (поврзаност со градот Солун) за Византиската Империја.Токму на овие македонски простори се реализирала и т.н. Брегалничка мисија (од почетокот до средината на 50 – тите години на IX век)  кога за првпат св. Кирил и Методиј се нашле во некаква улога на словенски просветители. Важно е да се спомене дека мисионерската дејност се спроведувала преку ширење на христијанството на словенски јазик и преку правење обиди за афирмација на словенска писменост.  Во оваа Словенско кнежество почнало да се официјализира “словенска книжевност” со пишувањето на оригиналниот правен состав “Закон судниј људем” (“Закон за судење на луѓето”) од страна на св. Методиј напишан на тогашен македонски јазик со византискогрчки букви. Тука, се направил и првиот обид да се “устрои” словенско писмо блиско до византиското коешто се доустроило и официјализирало подоцна на Преславскиот собор во 893 година. Во контекст на проследувањето на културно – историскиот развој на градот Струмица за одбележување е мошне интересното мислење според коиштоUntitled31 св. Климент Охридски потекнувал од Струмјаните кои живееле по долината на реката Струмица. Сепак,  некако попрецизно можат да се насочат претпоставките дека во текот на Брегалничката мисија веројатно тој бил заедно со своите учители светите Кирил и Методиј. Понатаму, со прилична сигурност се смета дека св. Климент бил дел од свитата предводена од неговиот учител кога таа влегла во Рим зимата 867/868 година. Но, веќе сосема сигурно е потврдено дека во периодот по 893 година св. Климент ја воспоставил словенската епископија во Брегалница. Богатата христијанска традиција на Струмица посредно влијаела и врз одлуката на св. Климент Охридски за воздигнување на Брегалничката епископија како место во коешто се развила словенска богослужба и писменост. Впрочем, духовната слава на новосоздадената Брегалничка епископија била поткрепена со култот на Петнаесетте тивериополски (Струмички) свештеномаченици за чиешто оживување во текот на IX и X век придонел самиот св. Климент. Врз нивните мошти и реликвии, (пренесени од Струмица) на Брегалница била изградена  монументална црква опслужувана со клир на словенски јазик од учениците на св. Климент. Овој монументален храм одиграл мошне важна улога во зацврстувањето на христијанството во овој дел од Македонија. Освен тоа, за потребите на богослужбата во новоизградениот словенски храм и по повод  пренесувањето на светите мошти од Струмица во Брегалница (28 август), св. Климент Охридски напишал Канон посветен на светите Тивериополски свештеномаченици. Овие мошне важни настани од културно – историскиот развој на градот Струмица и неговото пошироко опкружување оставиле видливи траги и во народната традиција. Имено, рускиот научник В. Григорович при посетата на Струмица кон средината на XIX  век забележал дека во црковен поглед градот бил познат не само по светите Тивериополски Маченици туку и како град во којшто престојувал св. Климент Словенски. Во тој контекст, меѓу месното население сè уште е “живо” преданието според кое св. Климент бил замонашен во струмичко. Според народното предание и традиција овој чин се случил во еден средновековниот манастир на планината Беласица. И во периодот на македонското царство на цар Самуил (976 – 1014/1018)Untitled32 Струмица важела за голем воено – управен, духовен и културен центар. Градот бил седиште на важна воено – административна област, со којашто управувале старешини од високите кругови на Самуиловата феудална аристократија. Струмичката област се вбројувала во редот на оние области во чиишто граници биле вклучени и други помали области со нивните градови какви што биле градовите Конче, Радовиш, Валандово итн. Треба да се потенцира дека во поглед на геостратешката и воено – политичката поставеност неспорен е фактот дека градот Струмица во периодот на воените судири со византискиот император Василиј II  имал пресудна улога во одбраната на јадрото на Самуиловата држава, односно на Македонија и нејзините области. Како што е познато, клучната битка којашто била одлучувачка за понатамошната судбина на средновековната македонска држава се одиграла на 29 јули 1014 година кај планината Беласица во Клучката Клисура низ којашто тече реката Струмица. Во оваа битка Самуил доживеал тежок пораз којшто придонел за брзиот крах на македонската средновековна држава. Иако Самуиловата македонска држава била краткотрајна сепак во овој период на македонските простори а со тоа и во Струмица и Струмичко длабоко се вкорениле словенската писменост, книжнина, богослужба и општата словенска цивилизација. Голема улога во овој цивилизациски процес одиграла Светиклиментовата Охридската духовна и книжевна школа којашто ги зацврстила корените на словенската самоидентификација во Македонија до таа мера што натаму не можеле да се искоренат. По пропаста на Самуиловото царство (1018) Македонија повторно се нашла завладеана од страна на Византиската Империја. Нејзините територии биле припоени кон византискиот тематско – управен и административен систем, со што настапил период на долгогодишно византиско владеење  кое  траело во периодот на XI и XII век. Во текот на овие два века се одвивале мошне сложени процеси поврзани со обидите за нејзино прилагодување кон византискиот општествено – политички и духовно – идеолошки систем. Истовремено, согласно интересите на Византиската Империја, се преструктуирале и нови приоритети. Впрочем, политичката моќ на одлучување сега била пренасочена во Цариград од каде што се иницирале новите тенденции и процеси во сите сегменти од општественото живеење. Под византиска власт Струмица потпаднала во пролетта 1018 година откако во Сер управникот Драгомуж му го “предал градот” на императорот Василиј II (976-1025). Во периодот на византиската доминација над Македонија, градот Струмица бил претворен во седиште на воено – административна единица (област), т.н. тема Струмица во чиишто рамки влегувале територии од поширокото подрачје на градот. Овде, била сконцентрирана голема војска и воено – административен апарат. Исто така, мошне бројни биле и најразличните угледни личности коишто поседувале високи византиски титули: дуксови, катепани, стратези, судии, надзорници и голем број други воени, духовни и цивилни личности. Во основните стратегиски концепции на Византиската Империја градот Струмица и неговата поширока околина биле позиционирани како заштитен бедем кон градот Солун но и кон внатрешноста на Македонија. Целта била овој моќен средновековен духовен, културен и административен центар да израсне во главно упориште на византиската власт во овој дел од Македонија но и пошироко. И во погоре посочените два века градот Струмица важел за голем христијански центар (црковно средиште богато со светителски мошти) за ходочастие и поклонение во којшто биле градени но и возобновени повеќе христијански храмови. Освен тоа, тука се почитувале христијанските култови за св. Петнаесет Тивериополски (Струмички) свештеномаченици, за св. Четириесет маченици од Севастија, за Пресвета Богородица и сл. Впрочем, градот Струмица и понатаму останал седиште на старата струмичка епархија којашто опстојувала во рамките на автокефалната Охридска архиепископија. Важно е да се потенцира дека во градот Струмица и во неговата поширока околина во ранохристијанскиот и во средновековниот период се вкоренила богата духовна, писмена и книжевна традиција. На овие простори опстојувале повеќе цркви и манастири меѓу кои биле градските цркви: “Св. Богородица Ходигитрија”, “Св. Константин”, “Св. Петка”, “Св. Петнаесет Тивериополски (Струмички) свештеномаченици” и “Св. Стефан” и др. Untitled55Понатаму, околните манастири: “Св. Леонтиј” во с. Водоча, “Св. Богородица Милостива (Елеуса)” во с. Вељуса, “Св. Никола” и др., како и околните цркви:Untitled65 “Св. Никола” во с. Колешино и трите цркви во с. Габрово “Св. Архангели Михаил и Гаврил”, “Св. Богородица” и “Св. Ѓорги” итн. Речиси во сите имало скрипториуми заради снабдување на црковните и манастирските библиотеки со богослужбени и други богословско – проповедни книги. Може да се претпостави дека во црковните и манастирските скрипториуми во Струмица и Струмичко работеле повеќемина книжевни дејци каков што бил дијаконот Драгое познат книжевник од XIV век. Најпосле, со овие простори се поврзува и појавата на значајни средновековни кирилски ракописи какви што се Струмичкиот октоих (прва половина на XIII век) и Струмичкиот (Македонски) апостол (втора половина на XIII век) итн. Колку била влијателна оваа богата духовна и книжевна традиција на македонскиот простор па и пошироко може да се види и од податокот од којшто дознаваме дека низ различните историски периоди хагиографски и химнографски трудови за струмичките свештеномаченици пишувале и такви авторитети какви што биле св. Климент Охридски, св. Теофилакт Охридски, Константин Кавасила итн. Имено, од неодамна е познато  дека св. Климент Охридски кон крајот на IX и почетокот на X век напишал словенска богослужба за св. Тивериополски маченици неопходна за изведување нивна богослужба во новоизградениот катедрален храм на Брегалничката епископија којшто бил посветен токму на Тивериополските светители. Untitled-88 Два канона посветени на тивериополските свештеномаченици кон третата деценија на XIII век напишал и струмичкиот епископ Константин Кавасила чијашто поетска содржина била инспирирана од Житието за споменатите светители на Теофилакт Охридски. Богослужбеното прославување на овој светителски култ е засведочено и во месецословите на глаголското Асеманово евангелие од втората половина на X или од почетокот на XI век, потоа во Охридскиот апостол од крајот на XII век и во Струмичкиот апостол од XIII век. На истражувачите тоа им послужило како основа за констатацијата дека култот на струмичките маченици освен во струмичко-брегалничките краишта имале свое жариште и во охридскиот крај итн. Во средновековната епоха градот Струмица бил средиште на повеќе самостојни владетели коишто се носеле со идејата да создадат самостојни држави – кнежества во Македонија. Како такви треба да се споменат феудалните владетели Добромир Хрс (XII-XIII в.), Добромир Стрез (XIII в.), самостојниот владетел Хрељо (XIV в.), понатаму Константин Драгаш (втора половина на XIV век) итн.

М-р Васил Ѓоргиев-Ликин

историчар и културолог, НУ Завод и Музеј – Струмица