Благој Јанков – Мучето е роден во 1911 година во Струмица, во сиромашно работничко семејство. Неговиот татко бил Минчо Коцев кој починал кога имал четири години. Неговата мајка Кумјанија, како вдовица со две деца се омажила за Гоне Јанков по кое Благој го добил презимето Јанков. Благој Јанков основно училиште завршил во Струмица, потоа се запишал во струмичката гимназија. Но, по завршување на вториот клас, тој бил исклучен од гимназијата по кое започнал да го изучува шивачкиот занает. По изучувањето на занаетот, не можејќи да најде работа во Струмица заминал на печалба во Белград каде се вработил кај модниот шивач за машка и женска облека, Адолф Голгубер. Поради неговите активности, тој стекнал доверба и станал синдикален функционер. Посебно бил добар организатор на штрајкови и излети. Уживал голем углед меѓу македонските печалбари во Белград. Во тоа време кај него созреала идеата за слободна Македонија. Тој со своето револуциенерно дело и желбата за слободна Македонија се афирмирал како истакнат борец, поради што станал член на покраинскиот комитет на КПЈ за Македонија. Во тоа својство бил упатен за инструктор во источна Македонија. Исто така станал и организатор на првите спротивставувања на бугарската окупациска власт во Струмица во 1941 година. Во многу тешки услови ја продолжил револуционерната работа. Бугарскиот Воен Суд го осудил на смрт во отсуство и издале потерница со награда за него. Во јуни 1944 година Бугарските полициски служби го откриле неговото скривалиште, во домот на Спиро Захов во Струмица. Untitled43Настанала нерамноправна борба на градските улици, во која Благоја херојски загинува. За Народен херој на Југославија е прогласен на 11 октомври 1951 година.

Спомен куќата која е посветена на народниот херој Благој Јанков – Мучето се наоѓа во центарот на Струмица во близина на Малиот градски парк. Таа е едноспратна приземна куќа со четири соби од кои две се со автентични етнолошки предмети од времето кога во неа живеел Благој Јанков. Другите две соби се преуредени во постојана историска поставка со фотографии, лични предмети и одликувања, со цел визуелно да се прикаже животот и делото на Благој Јанков – Мучето.