На оддалеченост 7 км западно од Струмица, во селото Велјуса, се наоѓа средновековната црква од византискиот период Св. Богородица Милостива (Елеуса), посветена на празникот Воведение на Пресвета Богородица. Според богатата изворна документација од светогорскиот манастир Ивирон, црквата Св. Богородица Милостива зазема значајно место во црковната и културна историја на југоисточниот дел на Македонија и многу пошироко. Зачуваните записи на двата архитрава однесени од бугарските власти за време на Првата светска војна во Софискиот археолошки музеј, кажуваат дека црквата ја подигнал монахот, а подоцна и струмички епископ Мануил во 1080 година. Тој во Велјуса дошол од Халкедонскиот манастир Св. Авксентиј, во малоазиската област Витинија.

veljusa Изворите сведочат дека манастирот Св. Богородица Милостива (Елеуса), сместен на бигорна карпа на северните падини од планината Еленица, е изграден над некогашното село Палеокастро во темата Струмица. Тој подоцна послужил како основа за денешното име на селото. Манастирот се споменува и во грамотите на византискиот император Алексиј I Комнен во 1085 година. Во 1091 или 1094 година тој лично го посетил манастирот и својот восхит го овековечил во писмените записи. Св. Богородица Милостива се споменува и во манастирскиот типик составен од основачот Мануил меѓу 1085 и 1100 година. Сведоштва постојат и во неколку документиод византискиот император Мануил И Комнен со практикот од 1152 година и во двете грамоти од српскиот цар Стефан Душан од 1346 година, предадени на Иверонскиот манастир. Зачуваното изворно архитектонско обликување ги презентира високите дострели на византиската сакрална архитектура и уметност на македонска територија во средниот век. По своето архитектонско решение, црквата е единствен таков објект од XI век во Македонија. Внатрешноста претставува крстовидна куполна градба од стеснет тип цркви. Над сите три основни делови на црквата наосот со олтарот, нартексот и јужната капела Св. Спас, се издигаат различно димензионирани и извишени куполи со полигонални тамбури, облагородени со керамопластична декорација и полихромно оживување на фасадите. Со фреско-украсна изведба е јужната фасада на црквата. Во нејзиниот горен централен дел е сместена мала и богато профилирана розета со запчест венец, а подолу меѓу бифората има раскошна дво членска плетеница со претстава на орнаментиран украс во облик на крст.

veljusa01

Уметничките изрази се реализирани во фреско-техника, мозаик и вајарство во плиток релјеф на мермерните делови од иконостасот. Живописувањето на црквата е изведено во три различни временски периоди: олтарот, поткуполниот простор во наосот и ѕидовите, конхите и капелата во 1085 година; тремот во 1164 година, а наосот во XIX век со видливи локални сликарски влијанија. Фреско-ансамблот во црквата е со иконографски симболични содржини и претстави преземени од Стариот и Новиот Завет: Литургиска служба на светите архиереи со Хетимазијата (Христовото жртвување) и Богородица со Исус Христос седната на трон во олтарниот простор.

Во централниот куполен простор е насликан Исус Христос Вседржител, додека под него на ѕидовите од тамбурот се претставите на Пресвета Богородица Ширшаја, св. Јован Крстител, двајца архангели и четворица пророци (Езекиј, Авакум, Еремија и Давид). Во северната конха е Слегувањето на Исус Христос во пеколот, а во јужната Сретение Господне. Исус Христос Емануил е претставен во куполниот простор од јужната капела Св. Спас. На источниот ѕид се наоѓа Исус Христос во слава, а на западниот – портретот на Св. Нифон и Св. Пантелејмон. На јужната фасада под тремот е композицијата св. Онуфриј во пустина, посетен од монахот св. Панфнутиј. Од аспект на стилско-ликовниот израз и мотив, оваа сцена е блиска на фреските во Нерези насликани во 1164 година. Во наосот на црквата зачувана е и олтарната преграда изработена од мермер, со стилизирани растителни и геометриски мотиви изведени воплиток релјеф. Подниот мозаик содржи геометриски мотиви што ги следат основите на конхите во централниот дел од наосот, нартексот и јужната капела. Изградбата на Велјушкиот храм сведоч и за претенциозните желби на основачот не во однос на димензиите, туку во однос на ликовните изведби и раскошната ризница од скапоцени уметнички творби, се со цел да се надминат сите дотогашни уметнички остварувања во околните цркви.