featured-zoran-rujak

Значајни археолошки истражувања ќе работи Завод и музеј Струмица оваа година. Особено интересни ќе бидат наодите кои ќе ги дадат ископувањата на средновековната црква откриена во подножјето на Цареви кули, во почетокот на старито дел од денешна Струмица. Ова ќе бидат информации кои ќе ја потврдат тезата дека Струмица била не само административен, туку и духовен центар, вели директорот на институцијата Зоран Рујак.

– За оваа средновековна црква знаевме од 2002 година. Не ни беше новост, но не изненадија нејзините димензии, габарит и содржина. Во 2015 година почнавме со исражување. Станува збор за еднокорабна црква што се наоѓа во близина на т.н. Јабанџиски гробишта до Ловен дом под самото подножје на Цареви кули. Најверојатно е дел од средновековната населба Цареви кули. Таа е интересна зошто може да ни даде одредени сознанија за некои историски списи кои ги имаме. Така во нив пишува за црквата Света Богородица Милостива која ја подигнало едно богато семејство – Тетрагонитите. Историските списи покажуваат дека во Струмица имало поголем број на цркви, како на Свети Стефан, на Свети Константин и Елена. Се надевам дека ископувањата ќе дадат информација и кому припаѓала оваа црква, изјави Рујак.

Според него, куриозитет е словенскиот натпис кој е најден на гробот кој е ископан лани. Истовремено восхитува фреско живописот кој се уште се наоѓа на лице место и чека конзервирање.

– Наредниве месеци конзерватори од Куманово и Заводот од Скопје ќе ни помогнат да го извадиме и да го ставиме во Завод и музеј Струмица. Пронајден е еден гроб, не знаеме се уште дали е гроб на ктитор или на познат струмичанец. За тоа ќе покажат истражувањата. На самата плоча стои интересен словенски натпис кој датира од крај на 13 и почеток на 14 век. Натписот е даден на исчитување, појасни Рујак.

Во однос на црквите, Завод и Музеј Струмица очекува во 2016 година, црквата Свети Илија во Стар Дојран да биде отворен за јавнсота, по повод 100-годишнината од нејзиното палење во Првата светска војна.

– Ќе работиме на црквата Свети Илија во Дојран. Тоа се завршни активности со кои планираме да изградиме дренажен канал за да се реши проблемот со влагата во еден дел од објектот поради нејзината положба вкопана во карпа. Лани направивме целосно малтерисување на внатрешноста на црквата, поставивме под, извршивме археолошки истражувања за дооспособување. Ќе поставиме и врати и прозорци, за објектот да стане функционален и отворена за посетители како сакрален објект на МПЦ, потенцира Рујак.

Посочи дека од година во година се зголемува бројот на посетители во Музеите. Од друга страна смета дека треба поголема соработка и комуникација на туристичките агенции, туристичките промотори и Завод и музеј, за да се претстави целокупното културно-историско наследство пред гостите. Музејот поседува над 10 илјади предмети кои се поставени во различни збирки од посебни временски периоди.

– Од наредната година ќе направиме поголеми напори за поголема промоција. Планираме и склучување договори со туристички агенции и промотори. Тоа треба да ни даде нов импулс за заживување на туризмот, заедно со локалитетите. Имаме и други објекти, како што е Галеријата на икони во свети 15 Тивериополски свештеномаченици, потоа Старата турска пошта – објект од 19 век која е етнолошка збирка, спомен куќата на Благоја Јанков Мучето. Овие објекти се секогаш отворени за организирани посети со претходна најава од барем еден ден. Од друга страна тука се праисториската, античката, римската и средновековната збирка кои ќе имаат свој дел во прикажувањето на новата поставка. Има многу нови содржини, предмети, натписи, скулптури, стакло, цел еден репертоар кој го прави нашиот на исто ниво со било кој музеј од Македонија, па и пошироко, вели Рујак.

Освен што годинава ќе бараат ново депо во кое треба да ги сместат ново откриените предмети, Завод и музеј подговтува историска поставка поврзана со Македонската револуционерна борба.

– Подготвуваме нова концепција и нова насока на историската збирка во насока на ново прикажување на случувањата од крајот на 19 век, па се до крајот на Втората светска војна или 1944 година кога Македонија станува република во рамки на Југославија. Оваа поставка ќе биде доказ за континуитетот на македонската борба за независност и формирање самостојна и независна република. Историско- етнолошката збирка ќе даде нов сјај и илустративност на таа борба, објасни Рујак.

Тимовите на Завод и музеј Струмица, ќе бидат присутни и на капиталниот објект, реновирање на Стариот театар во Струмица. Според првиот човек на Завод и музеј, до јуни треба да завршат градежните работи, ѕидањето и покривањето на објектот, а веќе од јули да почне внатрешното уредување. Во контакт се со сликарот Цане Мојаноски, да направи реплики од силните мурали кои го краселе објектот на театарот во минатото.

– Истовремено подготвени сме и за реставрацијата на фасадите во Старата струмичка чаршија, каде готови се проектите за два објекта. Нашата интенција е во наредните години, сите објекти кои потекнуваат од 20-30-те години на минатиот век да заживеат во стариот сјај за автентично оживување на овој дел од градот, објаснува Рујак.

Во делот на публицистичката дејност, Завод и Музеј Струмица ќе објави две публикации, од кои едната капитално дело поддржано од ресорното министерство, Монографија за Цареви кули.

-Цареви кули е локалитет каде петнаесетина години интензивно работиме. Со Монографијата која има исклучително значење не само за регионот, туку и за Македонија, ќе се овозможи целосен увид во истражувањата досега, но и читање и толкување на наодите кои укажуваат на големото значење на тврдината во минатото, појасни Рујак.

Овие месеци ќе почне и конзервација на објект на локалитетот Цареви кули. Во делот на геомагнетните истражувања, археолозите од Струмица ќе ги снимаат праисторските населби во Анѓелци и во Костурино. Особено интересно за стручната јавност е локалитетот Орниче кај Костурино од кои археолозите очекуваат да добијат резултати кои ќе овозможат вистински археолошки истражувања со кои ќе бидат збогатени првите праисториски случувања во период кога се појавиле првите земјоделско-сточарски култури кои легнале на ова тло.

– Што се однесува на локалитетот Страната кај Анѓелци, истражувањата во 2015 дадоа нов импулс во сознавањето на праисториските култури кои ги има формирано целиот лик на неолитот на Струмица и струмичко. Ова е еден од ретките истражени локалитети од тоа време, заедно со Голема трпеза кај Старо Коњањрево. Локалитетот потекнува од крај на 6-ти и почеток на 5 милениум п.н.е. Бил огромна населба која се простира на површина од 3-4 хектари. Првите сонди се направени во 1985 година од страна на еминентниот Воислав Цанев, проучувач на праисторијата. Овие наводи не ни беа многу од полза зошто лани откривме нови содржини, нови фигуринки кои дадоа поинакво светло на локалитетот. Архитектурата, за која мислевме дека е на друг начин престроена се покажа дека има нови интересни содржини, но ќе биде предмет на понатамошни анализи, вели Рујак.

Тој очекува да се потврдат наводите за домување во оваа населба и во римско време, на што укажуваат двата откриени гробови од тој период, а претпоставките се дека на врвот на ридот се наоѓала Вила рустика, селски стопански објект от римската епоха.

ПРЕВЗЕМЕНО ОД: www.strumicadenes.mk