naslovna

Во присуство на многубројните гости и посетители поставката ја отвори министерот за култура Роберт Алаѓозовски, кој истакна дека  поставката ја раскажува приказната за сите историски периоди на овој крај што е уште една потврда за правилните политики на Министерството за култура, во кои заштитата на културното наследство е врвен приоритет.

– Свесни сме дека во изминатиот период оваа сфера во македонската култура беше маргинилизирана, постоечките музеи беа оставени да работат во несоодветни услови, а културното наследство беше злоупотребувано во политички и лукративни цели. Затоа стратегија на Владата и на Министерството за култура е да го ангажира сите креативни потенцијали, кои ќе извршат коренити промени, рече министерот за култура Роберт Алаѓозовски.

Културното наследство во Македонија, додаде Алаѓозовски,  има потреба од промена на базичните ставови и пристапи, воведување на соодветно образование, измена на законската регулатива, подобрување на практичните процеси и методи на работа и јакнење на политичката волја за темелни промени во системот на конзервација.

Според Елеонора Петрова, директор на Управата за заштита на културното наследство, за секој вработен во музеолошката дејност нема поголема радост од настанот кога се отвора постојана музејска поставка.

– Ова е  настан без преседан, кој ќе го запомнат сите вработени, поради фактот што целокупната енергија, целокупното знаење, целокупните можности да се презентира нешто значајно пред пошироката  јавност  го нудите токму преку оваа поставка, истакна Петрова.

 Директорката на Завод и Музеј Струмица, Василка Георгиева подвлече дека од денеска на увид на јавноста се ставени ексклузивни предмети од локалитетите, објектите и настаните со кои располага оваа установа.

 – Се надевам дека ќе ја препознаете возбудата со која истражувачот за прв пат го допрел предметот. Љубовта и преданоста со која се приоѓа кон секој експонат. И кај публиката да ја разбудиме гордоста за тоа кој сме, што имаме и кон што се стремиме и во таква целовитост да се вброиме во глобалното цивилизациско семејство, рече директорката Георгиева пред присутните.

Постојаната поставка на Завод и Музеј – Струмица која  е поделена на археолошки, етнолошки, историски и оддел на историја на уметност, во 42 витрини се изложени над 1000 исклучително значајни артефакти кои се дел од богатото културно-историско наследство на градот и регионот собирано во минатите 60-тина години.

Преземено од kultura.gov.mk

Leave a Reply