Во НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј-Струмица, поголем дел од етнолошкото наследство му припаѓа на збирката Народна облека и ткаеници.

Според географската положба селата во струмичко се именуваат како полски, подгорски и к׳рцки и во традиционалната носија  на сите овие села постоела издефиренцираност, но таа одамна е трансформирана. Покрај комплетни носии, женски, машки и детски, оваа збирка во најголем дел содржи поединечни делови од народната облека и тоа׃ кошули, саи, појаси, антерии, елеци, минтани, чорапи, шамии, гаќи, чевли и др. Населението во градот Струмица кон крајот на 19 и прва половина на 20 век во зависност од социјалната положба и верата, носело различна облека. Застапени се облековни елементи  ,,ала турка״ и ,,ала франга״ ׃мантија, фустан, либаде, дводелен женски фустан, кратко палто , чевли и др. Дел од облеката се изработувала во домашни услови од жените, а некои облеки од занаетчии׃абаџии, ќуркчии, срмаџии, минтанџии, терзии, папуџии, шнајдери и др. За изработка користени се домашни ткаенини од памук, свила и волна и увозни материјали од кадифе, свила, сатен и сомот. Струмичките  ткаеници׃  крпи, трпезници, килими, чаршафи, торби, перници, цедилки, се дел од народното творештво создавани од вредните раце на нашите мајки, баби и млади девојки кои долго  време поминувале седејќи и ткаејќи на хоризонтален разбој, ткаејќи со памук, свила, волна, козина, во зависност од потребите, расположливата суровина и  предметот кој се изработува. Ткаењето,везењето,плетењето биле важна женска домашна работа, во која постарите ги упатувале помладите моми и невести во процесот на сложена и макотрпна работа. Денес овие предмети се грижа на кустосите и нивниот живот продолжува единствено во депоата на музеите, чекајќи да бидат дел од некоја изложба. Со назначување  на директорот Георги Сувариев, 1956 год.како прв стручен работник-Етнолог во Музејот се поврзува и посебно работи и одделение за етнологија. Во НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј-Струмица, значаен сегмент од етнолошкото наследство му припаѓа на накитот. Тоа се украсни детали׃ пафти, копци, игли, ланци, гердани, ќустеци, амајлии, тепелуци, прстени, обетки и нараквици носени од струмичкото население во разни пригоди׃ свадби, слави, верски празници и други веселби. Според тоа кој дел од телото го краси имаме׃ накит за глава, накит за врат, за гради, за раце и накит за половина. Накитот за жени бил поразноврсен и бил повеќе во употреба. Машкиот накит бил помалуброен и тоа главно ќустеци и прстења.  Повеќето од предметите потекнуваат од крајот на 19 век и почеток на 20 век, се произведувале до 60 год. на 20 век до кое време и биле во поширока употреба. Изработени се од различни материјали, најчесто׃ бронза, бакар, сребро и негови легури, изработени во различни техники (исчукување, лиење, гравирање, филигран и гранулирање). Kористени се и монистра од стаклена паста и сребрени пари кои биле исфрлани од употреба, па нашиот народ корисно ги употребувал и го декорирал накитот со нив. Накитот зборува за културата и богатство на нашиот народ, кој и покрај тешките услови имал желба да се кити. Накитот е изработуван од кујунџии, златари и од вештите раце на жени и девојки. Тоа зборува за занаетите што ги имало на овие простори и економската моќ на населението. Повеќето предмети се откупени или подарени од постари струмички семејства и од селата во околината.