Комплексот цркви Св. Леонтиј се наоѓа во селото Водоча, оддалечено 4 км од Струмица. На локалитетот се наоѓаат три цркви (источна, западна и средна) со три фази на живописување на ентериерите; архитектонски остатоци; придружни објекти и манастирски комплекс; трпезарија; стопански објекти; две бањи и повеќеслојна христијанска некропола. Од ранохристијанскиот период се зачувани темелни партии од базилика со мермерна декоративна пластика од V и VI век. Подоцна била подигната источната, трикорабна куполна и епископска црква.

vodoca02Во времето на самоиловото владеење таа била оштетена, но подоцна била возобновена. Како епископска црква се споменува во повелбите на Василиј II од 1018 година, по падот на Самуиловата држава. Денес од неа се зачувани олтарната апсида, проскомидијата и ѓаконикот. Првобитниот иконостас бил мермерен, а и подот бил обложен со мермерни плочи. Рушењето на црквата е поврзано со пропаста на Самоиловата држава и паѓањето на Струмица под византиска власт во 1018 година. Во периодот од 1018 до 1037 година била изградена западната, мала крстовидна куполна црква посветена на св. Богородица Елеуса и Воведение. Во струмичкиот крај во овој период постоеле три цркви на Св. Богородица Милостива (Елеуса): Воведение, потоа црквата во Велјуса од 1080 година и онаа во Струмица од XII-XIII век. Ова е причина да се верува дека Струмица и нејзината блиска околина, во далечното минато се сметала за област каде што се почитува култот кон “Пресвета Богородица Милостива”. Средната куполна црква на водочкиот комплекс, подигната во почетокот на XII век, е посветена на Св. Леонтиј, маченик од градот Триполи во областа Феникија, кој бил убиен во времето на римскиот император Веспазијан (69-79г.) поради тоа што го прифатил христијанството.

  vodoca01Црквата е епископско седиште со зачуван синтронос во олтарната апсида, со нартекс на западната и со отворени тремови на јужната страна. Како епископско седиште се споменува во еден хилендарски акт од 1376 година, во кој водочкиот епископ Данил и банскиот епископ Григориј, заедно со претставниците на световната власт, ги решавале споровите околу границите на хилендарските имоти во околината на Струмица.

Некрополата којашто се наоѓа на југозападната и северозападната страна исто така го отсликува богатиот духовен и културен живот што се одвивал на овие простори. Откриени се преку 1000 гробови во кои се пронајдени накит и керамика што датираат од периодот меѓу XIV и XIX век. Ритуалот и иконографијата на погребувањето во овие простори зад себе оставиле безброј артефакти во исцртувањето на паралелната линија на социо-религиозниот развој. Живописувањето на ентериерот на комплексот водочки цркви се одвивало во три временски периоди: X, XI и XII век. И покрај фрагментарната зачуваност, очигледни се високите ликовни квалитети на оставнината. Сликарскиот израз е поблизок до античката ликовна традиција. Видлива е желбата за раскин со византиските сликарски принципи и отпорот кон влијанијата на современите византиски стилско – ликовни струења што навевале од Цариград и Солун. Античкото сликарско влијание се забележува во еден мал фрагмент од половичниот неидентификуван лик на светител од Џ век, припадник на најстарата источна црква. vodoca03За моделација на инкарнатот* користени се широки намази на пигментите и акцентирање на експресијата на очите и драматизмот. Во оштетениот фреско-живопис во западната водочка црква посветена на Богородица Елеуса и Воведение, присутни се идните нови настојувања на балканската византиска уметност. Сликарството во оваа црква е карактеристич но по издолженоста на телата и цврстата моделација на главите на светителите. Фрагментираните сцени го отсликуваат животот и детството на Пресвета Богородица, како и циклусот црковни празници. Овде се претставени и фигурите на светителите Исавриос и Евплос во цел раст, насликани во периодот меѓу 1018 и 1037 година. Тие се вбројуват меѓу ремек-делата на средновековната уметност и на византиското сликарство воопшто. Од ликовен аспект ова сликарство е блиско на сликарството изведено во црквата Св. Софија во Охрид, како и во црквите Св. Лука во Фокида и Неа Мони на Хиос. Од фреско-живописот од првата половина на XII век, во средната водочка црква посветена на Св. Леонтиј зачувани се претстави на шест архиереи и Св. 40 Севастиски маченици.