featured-zoran-rujak

„Во иднина треба да се посвети поголемо внимание на екипираноста на Заводот и музеј од Струмица, за да можеме да одговориме на сите прашања и предизвици пред кои сме поставени“, вели директорот на истата институција

Ристо Тасев

Во изминатите години на повеќе локалитети во Струмица работеа археолози, но Вашето внимание најмногу го привлече откривањето на најстарата неолитска населба кај селото Ангелци, во општина Василево. На локалитетот „Страната“ на површина од околу 4 хектари откривте стотина објекти и многу парчиња керамика, камени и кремени алатки и неколку антропоморфни фигуринки. Очекувавте ли вакви откритија?

Тоа покажува дека на овие подрачја културата трае веќе илјадници години. Самиот факт дека на едно исто место има седум-осум илјади години култура веќе е доволно да се каже дека тоа е еден од најстарите простори на Балканот, па и во Европа, ако сакате. Ова е дел од нашата историја и треба да бидеме особено горди што живееме на такво место со континуитет во културата од седум илјади години. Овде кон крајот на седмиот милениум постоела една огромна култура, една огромна населба која се развивала самостојно и имала комуникации со другите региони во Република Македонија и пошироко. Прв пат на локалитет „Страната“ се вршени сондажни истражувања во 1985 година, а во втората, сегашна кампања се откриени остатоци на објекти од големата населба. Во наредните истражувања ќе се прават напори да се открие целата поставеност на објектите. Неочекувано беше и појавувањето на доцноантичките гробови на истата локација кои укажуваат дека најверојатно во непосредна близина постоел и селски имот на некој легиски ветеран од четвртиот век од нашата ера.

Лани работевте и на други локалитети, како што е Црвено Поле, кај месноста Барбарево, Ново Село. Таму истражувавте повеќе од 10 години.

Очекувам годинава да ги заокружиме тамошните истражувања, а во наредните години да подготвиме една монографија во која ќе бидат објавени сите резултати до кои дојдовме.

Продолживте со истражувањата на еден од најпрепознатливите белези на Струмица, локалитетот Цареви Кули.

Лани, во подножјето на Цареви Кули за прв пат ги отпочнавме истражувањата на малата црква каде што и годинава ќе продолжиме да работиме. Истражувањата беа прелиминарни и се откри само габаритот на црквата. Се работи за помала црква во т.н.„јабанџиски гробишта“. Се покажа дека црквата е многу постара од нашите првични претпоставки дека датира од доцниот среден век, од отоманскиот период, но најновите истражувања покажаа дека е од крајот на 13 и почетокот на 14 век. Постои дури и еден натпис напишан со словенско писмо што е куриозитет. Не знаеме се’ уште кому му припаѓала црквата, а се надевам дека со годинашниве истражувања ќе потврдиме дека може да е некоја од црквите споменати во историските извори, „Свети Стефан“, или пак „Свети Константин и Елена“.

Што сметате дека треба да се издвои од локалитетот на Старата римска терма во Бања Банско каде што се работи подолго време.

На овој локалитет лани имаше проблем со последиците од земјотресот од почетокот на годината кога дел од бигорот од горната карпа во кој е заробен објектот се урна и предизвика одредена штета што требаше да се отстрани. Активностите беа насочени кон санирање на предизвиканата штета, а малку се истражуваше и кон јужната страна и се покажа дека објектите се шират кон тие позиции. И годинава продолжуваме со овој проект и се надевам дека ќе добиеме интересни резултати поврзани, пред се’, со светилиштето на термата.

Во изминатите години тука беа пронајдени прекрасни мермерни скулптури, од кои една се наоѓа во Археолошкиот музеј во Скопје, а другите се надевам дека ќе успееме да ги презентираме во нашата музејска поставка која треба да ја отвориме кон крајот на годината.

Екипи на Завод и музеј Струмица работеа и на локалитети во поширокиот регион. На што се работи во моментов во Дојран, на пример?

Во Дојран работевме на конзервирање на црквата „Свети Илија“. Целата внатрешност на црквата е измалтерисана, се работеше на столбовите и на куполите и во моментов црквата се подготвува за завршната фаза покривање со прозорци и врати и со правење дренажен канал. Се надевам дека на стогодишнината од уривањето на оваа црква во времето на Првата светска војна, во месец септември или октомври годинава, ќе можеме да ја отвориме за посетители.

Преку Заводот и музеј оди и изградбата на стариот театар во Струмица. Најпрвин беше ветено дека ќе биде готов лани во септември, па сега е кажано дека ќе биде готов до крајот на годината. До каде е изградбата и што ќе значи овој објект за културата во Струмица?

Во моментов работите на изградбата на театарот се одвиваат непречено. Речиси сите слабости се надминати. Свесни сме дека театарот е објект кој го посакуваат сите струмичани. До крајот на годината треба да се заврши изградбата и се надевам дека првите претстави ќе можеме да ги гледаме на почетокот на идната година. Инвеститор е Министерството за култура, а бидејќи се работи за заштитен објект, како таков ние сме надлежни за него.

Пред извесно време беше уништен муралот на ликовниот уметник Иван Велков кој се наоѓаше на еден од ѕидовите на салата на ДГС „Партизан“ во Струмица. Зошто ова дело создадено во 1962 година не беше заштитено и дали досега презедовте нешто како установа задолжена за заштита на културното наследство во градот?

Јас навистина жалам што се случи такво нешто, но во изминатиов половина век никој не побарал од нас да го ставиме под заштита муралот и да се грижиме за него. Тоа е пропуст на сите културни работници во изминатиот период. За заштита на такви дела, потребна е поголема свест кај сите, особено кај оние што инвестираат и градат. Според одредени информации со кои располагам, најверојатно ќе има возобновување на овој мурал. Се надевам дека инвеститорот и градежната фирма ќе помогнат повторно да се врати на општо задоволство на струмичани.

Ќе успеете ли да ги реализирате сите проекти, односно дали ќе има доволно пари за се’ што е планирано, со оглед на актуелната состојба во државата?

Сега засега, нема никакви проблеми во однос на реализација на овие проекти. Ние имаме проблеми во однос на тоа што имаме многу нови барања за нови проекти, чие реализирање е поврзано со екипираноста на нашата институција. Сметам дека во иднина треба да се посвети поголемо внимание на ова прашање, за да можеме да одговориме на сите прашања и предизвици пред кои сме поставени.

ПРЕВЗЕМЕНО ОД: www.utrinski.mk